Додека за „Црн петок“ и „Сајбер понеделник“ гледаме како мнозинството од брендовите се обидуваат да понудат што поголеми попусти со цел да привлечат што е можно повеќе купувачи, брендот за спортска опрема Patagonia ја продолжи својата традиција на спротивставување на овие консумеристички трендови.
Компанијата, како и во претходните години, не понуди никакви попусти за „Црн петок“ и „Сајбер понеделник“, туку лансираше кампања со која ги повикува потрошувачите да купуваат помалку, а да бараат повеќе („Buy Less, Demand More“).
Во кампањата се истакнува дека индустријата за облека е „виновна“ за 10% од вкупното загадување на Земјата кое ја предизвикува климатската криза. Па така, покрај себепромоцијата како еколошки одржлива компанија, Patagonia ги повикува потрошувачите да се обидат да го намалат влијанието на масовната потрошувачка врз планетата, така што ќе купуваат квалитетни производи кои можат да се користат подолго време и за повеќе намени, да се реупотребуваат и да се рециклираат.
Кампањата беше проследена со активности во физичките продавници на брендот и на социјалните мрежи, како и со посебен отсек на компанискиот веб-сајт.