Магазинот Тајм ја прогласи Гитанџали Рао, 15 годишна тинејџерка која се занимава со наука и иновации за “Дете на годината“, признание кое за прв пат се доделува оваа година. Таа вели дека ова признание може да инспирира многу малди луѓе да се вклучат во решавањето на светските проблеми.
Рао има пронајдено нови технологии во повеќе различни области, како уред кој на брз и ефтин начин може да открие олово во вода за пиење и креираше апликација која со помош на вештачка интелигенција открива сајбер-малтретирање.
Рао е избрана во конкуренција од 5.000 номинирани, а жирито било одушевено од начинот на кој ја користи технологијата во борба против општествените проблеми .
“Мојата цел не е само да создадам уреди што ќе решат светски проблеми, туку и да инспирирам други да го прават истото. Бидејќи од мое искуство, не е лесно кога немате пример кој е сличен на вас. Па навистина сакам да ја упатам оваа порака: Ако можам јас, можеш и ти, можат сите. Нашата генерација се соочува со проблеми какви што не се видени досега, додека во исто време старите проблеми сеуште постојат“, вели Рао во интервју за магазинот.
Минатата година активистката Грета Тунберг стана најмладата личност која го доби престижното признание “личност на годината“, кое Тајм го доделува секоја година.