Евровизија го објави логото за претстојното издание на музичкиот натпревар, кој треба да се одржи во мај 2021 година во холандскиот град Ротердам.
Новото лого е инспирирано од картата на Европа, при што градот Ротердам е ставен во самото нејзино срце. Идејата позади логото е да испраќа порака на поврзаност и заедништво, истовремено рефлектирајќи еден позитивен поглед кон годината што претстои.
„Логото го поврзува Ротердам со главните градови на земјите-учеснички и го симболизира зближувањето, без разлика на формата,“ истакнува Сиетсе Бејкер, извршен продуцент на Евровизија 2021.
Симболот е дизајниран од страна на креативната агенција Clever Franke, истата агенција која го работеше и брендигот на Евровизија 2020. Концептот и финалниот резултат беа развиени со помош на софтвер создаден од самата агенција.
„Го продолживме стилот од минатата година и ги задржавме едноставните, интелигентни, минималистички и експретиментални елементи, но потоа додадеовме еден фестивалски допир, да го прославиме враќањето на Евровизија,“ посочува Герт Франке, со-основач на агенцијата Clever Franke.
„Благодарение на развојот на вакцините и релевантните брзи тестови, ние сме внимателно оптимистични во однос на она што може одговорно да се реализира во мај. И цела Европа го има свртено погледот кон нас. Со креативност и одлучност, инспирирани од типичната Ротердамска истрајност, ќе направиме нешто многу специјално – сигурен сум во тоа,“ додава извршниот продуцент Бејкер.