Технолошкиот гигант Microsoft ја објави својата нова празнична реклама насловена “Find Your Joy” („Пронајди ја својата радост“), во која ја следи приказната на едно куче по име Руфус кое во своите соништа ги искусува производите на компанијата.
Рекламата отпочнува со неколку сцени во кои кучето им приоѓа на членовите на фамилијата која се грижи за него, во надеж да го привлече нивното внимание. Меѓутоа, сите од нив скоро и да го игнорираат Руфус, останувајќи фокусирани во своите активности кои се поврзани со производи на Microsoft.
Момчето е задлабочено во видео-играта Halo Infinite, девојчето пак игра Minecraft. Мајката е зафатена со својот состанок на Microsoft Teams, а таткото „лета“ со помош на Microsoft Flight Simulator.
Чуствувајќи се отфрлено, тажното куче застанува покрај прозорецот и го гледа кучето на соседите, кое веројатно поминува низ истото искуство. Руфус евентуално заспива, но тогаш почнува авантурата. Во своите соништа, кучето Руфус ги искусува сите производи на Microsoft со кои претходно беа заангажирани неговите сопственици. Рекламата завршува со пораката „Овие празници, пронајдете ја својата радост.“