Вчера, 17 декември, се одржа онлајн наградната церемонија за овогодишното издание на адвертајзинг фестивалот Epica Awards. Основани уште во 1987 година, наградите Epica се единствените глобалните креативни награди во кои главниот збор го имаат новинарите кои ја следат креативната и маркетинг индустрија.
На вчерашната церемонија беа доделени 6 Grand Prix награди во различни категории, и тоа: Responsibility, PR, Design, Digital, Print и Film. Жирито оваа година одлучи да не додели Grand Prix награда во категоријата Alternative.
Во извонреден хет-трик, Grand Prix наградите во категориите Film, Print и PR, беа доделени на здружената агенциска коалиција на агенциите INGO Stockholm, David Miami и Publicis, за фасцинантната и храбра кампања “Moldy Whopper” на Burger King.
Grand Prix наградата во категоријата Responsibility беше доделена на агенцијата Wunderman Thompson Buenos Aires, за музичкото видео “Through Your Eyes” на Sony Music, музичарот Данте Спинета и аргентинската непрофитна организација за донација на органи INCUCAI.
Во истата категорија, беше доделена и почесна награда на агенцијата Mientrastanto за филмот “The Last Present” на Владата на Канарските острови.
Grand Prix наградата во категоријата Digital ја освои агенцијата 72andSunny Los Angeles за кампањата “Swipe Night” на апликацијата за запознавање Tinder.
Дизајнерската Grand Prix награда беше доделена на канадската агенција Rethink за сложувалката “Heinz Ketchup Puzzle” на Heinz.
Титулата „Агенција на годината“ ја понесе агенциската коалиција на INGO Stockholm, David Miami и Publicis, додека пак за „Агенциска мрежа на годината“ беше прогласена Wunderman Thompson.
Коментирајќи во однос на победниците, уредничкиот директор на Epica Awards и модератор на жирото, Марк Тунгејт, изјави: „Оваа година акцентот беше јасно ставен на иновациите, при што многу од големите победници се истакнаа и го привлекоа вниманието со нови спинови на веќе постоечките медиумски платформи. Во еден невообичаен период, агенциите работеа понапорно од било кога за да докажат дека една историска криза како оваа не може да стави кочница на креативноста.“
За овогодинешното издание на Epica Awards се пријавиле вкупно 1980 кампањи од 59 држави ширум светот – бројка пониска од претходните години, но повисока од очекуваното со оглед на глобалните околности. Најголемиот број на пријавени кампањи биле од Русија, по што следува Германија. Во однос на агенциски мрежи, особено добро се претставиле Wunderman Thompson и BBDO.
Соединетите Американски Држави водат во однос на освоените награди, со вкупно 17 наградени кампањи, вклучувајќи 4 Grand Prix награди и 8 златни награди. По нив следува Канада со 22 наградени кампањи, од кои 1 Grand Prix и 5 златни награди.
Целосната листа на наградени кампањи на овогодишното издание на Epica Awards може да се најде на официјалниот веб-сајт www.epica-awards.com. Наградната церемонија во целост може да се гледа на следниот линк.