Шведскиот бренд за мебел IKEA соопшти дека наскоро ќе ја отвори својата прва продавница во Египет, веројатно во текот на месец март 2021 година.
Со цел да го одбележи и искомуницира со јавноста овој важен момент, IKEA лансираше принт кампања во која некои од најпознатите древни археолошки објекти, но и посовремени културни знаменитости од Египет ги претвори во планови за составување на мебел.
Како дел од кампањата се најдоа познатата Сфинга од платото Гиза, престолот од гробницата на Тутанкамон, како и лавовите од мостот на реката Нил во Каиро. На самите постери, објектите се поделени во 5-6 делови, со инструкции за нивно спојување со помош на навртки и завртки.
Кампањата е создадена со помош на локалната креативна агенција FP7 од Каиро.