Во целосна спротивност на улогата од филмот “Another Round” (2020), данскиот актер Мадс Микелсен го гледаме во потполно трезвена состојба во првата рекламна кампања за безалкохолната варијанта на данскиот пивски бренд Carlsberg.
Рекламата го прикажува Микелсен во различни ситуации во кои објаснува што сé е подобро доколку се прави со безалкохолната верзија на пивото – возење велосипед, играње тенис, уживање во уметноста, паркирање на вселенски брод, па дури и „прескокнување“ на сопствената реклама.
На крајот, Микелсен заклучува дека „најдоброто безалкохолно пиво ги прави добрите работи уште подобри… веројатно“, како референца кон слоганот на Carlsberg – „Веројатно најдоброто пиво во светот“.
Ова е првото креативно остварување на Carlsberg во соработка со креативната агенција Grey Europe, откако таа во октомври минатата година го доби ангажманот да работи на следната глобална кампања на данскиот бренд. Новата реклама со Микелсен беше објавена на 6 јануари, со премиера во Данска и Ирска, а во следниот период таа ќе биде лансирана и на другите светски пазари.