Налогот на Трамп на Твитер може трајно да биде суспендиран доколку продолжи да ги крши политиките на таа социјална мрежа против насилните закани и дезинформации за изборите.
Социјалните медиуми, Твитер и Фејсбук, во средата ги блокираа профилите на американскиот претседател Доналд Трамп, поради објавувањето на низа неточни пораки откако неговите приврзаници упаднаа во седиштето на Капитол Хил и ги преплавија улиците на Вашингтон, пишува Њујорк Тајмс.
Како што пишува Радио Слободна Европа, приврзаниците на Трамп кои ја прекинаа седницата на американскиот Конгрес свикан да ги потврди резултатите од претседателските избори одржани во ноември минатата година, биле охрабрени од неговите пораки.
Њујорк Тајмс пишува дека профилот на Трамп на Твитер ќе остане блокиран 12 часа и дека забраната може да биде продолжена доколку не бидат избришани неколку негови твитови кои ги отфрлаат изборните резултати и кои се чини дека поттикнуваат насилство. Доколку Трамп продолжи да ја крши политиката на Твитер против насилни закани и дезинформации за изборите, оваа социјална мрежа, како што се наведува, може трајно да го суспендира неговиот профил.
Откако беше утврдено дека Трамп ги прекршил правилата на Фејсбук во две негови објави, оваа социјална мрежа исто така одлучи да го ускрати објавувањето на Трамп за 24 часа, а Њујорк Тајмс пишува дека блокирање на неговиот профил за истиот период најави и Инстаграм, која е во во сопственост на Фејсбук.
Се наведува дека блокирањето на профилите на Трамп на социјалните мрежи ќе го спречи да објавува пораки до повеќе од 88 милиони негови следбеници на Твитер и 35 милиони следбеници на Фејсбук.
Трамп ги искористи платформите на овие социјални мрежи за да ги оспори изборните резултати и да ги нарече лажни, пишува Њујорк Тајмс.
Радио Слободна Европа известува дека видео пораката на Трамп во која тој ги повикува приврзаниците кои го нападнаа американскиот Конгрес да си одат дома и ги повтори лажните обвинувања за измама на претседателските избори претходно беше тргната од Твитер и Фејсбук. Исто така, Јутјуб соопшти дека го отстрани ова видео поради ширење на лажни обвинувања за изборни измами.
Како што наведува Њујорк Тајмс, критичарите велат дека потезите на Фејсбук, Твитер и Јутјуб се премногу мали и предоцна, бидејќи реакциите следеа откако веќе беа раширени повиците за насилство. Приврзаниците на Трамп, наводно, со недели отворено разговарале на Фејсбук страниците, како што e “Red-State Secession”, за нападот и насилството што планираат да го извршат на седиштето на американската влада и дека во коментарите често имало и фотографии од оружје, a повикувале и да го „окупираат“ Вашингтон и да се преземат чекори кои ќе го принудат Конгресот на САД да ги поништи изборните резултати.
Седницата на Конгресот, која беше прекината поради нападот на приврзаниците на Трамп, продолжи по неколку часа, а американскиот Конгрес официјално ги потврди резултатите од изборите со кои Џо Бајден беше избран за нов претседател на Соединетите Американски Држави.