Легендарниот германски производител на фотографски уреди Leica лансираше нова меѓународна фото-кампања која ги слави фотографите кои оставаат сведоштво за светот и ја документираат сета негова убавина и поетичност.
Живееме во време кога чинот на фотографирање е полесен од кога било претходно, но токму поради тоа резултатот често знае да биде невнимателен и површен. Новата кампања на Leica, насловена „The World Deserves Witnesses“ („Светот заслужува сведоци“), се стреми да ја истакне вредноста на вистинската уметничка фотографија и оригиналниот поглед кон светот и човештвото кој го имаат фотографите. Перцепцијата на тие драгоцени фрагменти на времето во кои елементите на сцената се компонираат сами од себе низ леќата на фотоапаратот и окото на фотографот е секогаш уникатна и неповторлива.
Со цел да се сочува интегритетот и искреноста на визуелните сведоштва, кампањата е целосно создадена од веќе постоечки фотографии. Односно, ниту една од искористените фотографии не е создадена со цел за самата кампања, ништо не е ретуширано или пак менувано.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција TBWA\Paris.