Социјалните мрежи Твитер и Пинтрест, како и апликацијата за стриминг Перископ, не смеат да склучуваат нови договори за рекламирање во Турција, пред да ја исполнат законската обврска за отворање претставништва во оваа земја, одлучи турскиот регулатор
Турскиот совет за информатичка технологија и комуникации им забрани на локалните компании и поединци да се рекламираат на тие платформи. Огласувачите се соочуваат со парична казна од еден милион турски лири (околу 135 илјади американски долари) доколку ја прекршат забраната.
Самите мрежи веќе се казнети со 30 милиони лири (четири милиони долари) за неименување претставник. Според законот од 2020 година, компаниите кои обезбедуваат интернет услуги и имаат повеќе од милион корисници во Турција, треба да назначат барем еден официјален претставник во таа земја, кој мора да биде турски државјанин. Анкара објаснува дека тоа е потребно за брзо и ефикасно отстранување на содржината која ги крши нејзините закони. Предвидени се големи казни и намалување на пропусниот опсег на комуникациските канали во земјата за прекршителите до 90 проценти за одбивање на отворање претставништво.
Во моментов е нејасно како реагираа управите на Твитер, Пинтерест и Перископ на одлуката на Анкара и дали ќе размислат за отворање канцеларии. Во понеделникот, турскиот заменик-министер за трговија и инфраструктура Омер Фатих Сајан изјави дека Фејсбук и Инстаграм ја испочитувале наредбата на владата и назначиле претставници. Тој им се заблагодари на тие компании и истакна дека очекува слични потези и од другите. Според Сајан, намалувањето на опсегот на комуникациските канали за прекршителите „е мерката што властите најмалку сакаат да ја преземат“.