По сé поизвесните најави од страна на австралиската влада за имплементирање на закон со кој ќе ги обврзува тешнолошките гиганти Facebook и Google да им плаќаат на локалните медиуми за прикажувањето на нивните вести, од Google се закануваат дека целосно ќе го повлечат својот пребарувач од Австралија.
Покрај плаќањето за вести на локалните австралиски издавачи, предвидениот закон составен од страна на Австралиската комисија за конкуренција и потрошувачи исто така ќе ги обврува технолошките компании да споделуваат податоци и да ги известуваат медиумите за сите промени во нивниот алгоритам кои можат да влијаат врз рангирањето на вестите, како и да ги фаворизираат вестите кои доаѓаат од оригинални извори.
Како одговор на сето ова, Google веќе ги блокираше австралиските новински веб-портали од резултатите на својот пребарувач за околу 1% од локалните корисници, објаснувајќи ја постапката како експеримент за да се тестира вредноста на австралиските извори на вести.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека државата нема да попушти пред заканите на Google, обвинувајќи ја компанијата за уцена.
„Да бидам јасен – Австралија ги поставува правилата за работите кои може да се прават во Австралија. Тоа го прави нашиот Парламент. Доколку луѓето сакаат да работат со тоа – добредојдени се. Но, ние нема да попуштаме на закани,“ истакна Морисон.
Управната директорка на Google за Австралија, Мел Силва, им посочи на претставниците на австралискиот Сенат дека новиот закон е „нефункционален“.
Според неа, законите создаваат неиздржан преседан за деловните активности на компанијата и воопшто за дигиталната економија. „Ова не е компатибилно со слободниот проток на информации на Интернет или со тоа како всушност работи Интернетот.“
„Не гледаме начин, со овие финансиски и оперативни ризици, да продолжиме да нудиме услуга во Австралија“, заклучи Силва.