Во полскиот град Гдањск, жителите започнаа иницијатива за отстранување на рекламите од зградите, затоа што го нарушувале изгледот на објектите, а особено на оние што биле изградени пред неколку децении.
Заслугата за ова им припаѓа на граѓаните собрани во Фејсбук групата „Ловци на реклами“, а рекламите се веќе отстранети од неколку стотици згради. Освен тоа, граѓаните бараат да се отстранат и незаконски поставените реклами. На споменатата социјална мрежа тие споделуваат и фотографии за тоа како изгледале објектите со и без реклами.
– Ние сме група луѓе за кои е несфатливо визуелното загадување во нашиот град и одлучивме да направиме нешто во врска со тоа прашање, наместо само да се жалиме. Од една страна, нашата цел е да се бориме против визуелното загадување. Од друга страна, сакаме да промовираме регулативи кои се однесуваат на јавниот простор и да покажеме позитивни примери. Никој не не` финансира и не собираме пари. Го вложуваме своето време и пари – се наведува во групата на Фејсбук.
Како што истакнаа граѓаните собрани околу оваа иницијатива, со децении многу згради биле покриени со реклами. Потсетија дека имало и такви кои целосно ги покривале зградите. Тие рекоа дека поради пандемијата на коронавирусот минатата година, успорено било отстранувањето на рекламите, но дека властите сепак продолжиле да постапуваат по ова прашање.
Како што наведуваат, пред 6 години во Полска е донесен акт со кој се наредува заштита на јавни површини. Тие тврдат дека само 32 градови од речиси илјада, колку што има во оваа земја, го искористиле овој акт за спроведување на регулативата што ќе ги обврзи, меѓу другото, да ги отстранат рекламите. Наведоа дека повеќе од 600 градови не сториле скоро ништо во врска со ова прашање и дека некои порачале дека не се заинтересирани да превземат чекори во таа насока.
Слични регулативи постојат и во други делови на светот, па затоа во некои стари, историски делови на италијански и француски градови е забрането поставување реклами, пишува порталот Bored Panda.