Фејсбук соопшти дека приходите на компанијата пораснале за една третина во четвртиот квартал од 2020 година, како резултат на зголеменото рекламирање од страна на компаниите кои се обиделе да ја искористат сезоната на празници за онлајн промоција.
Во последните три месеци од пандемиската година, вкупниот приход на Фејсбук се зголеми за 33,1 процент, на 28,1 милијарди долари, според извештајот објавен во средата.
Нето добивката на Фејсбук порасна 52,6 проценти, на 11,22 милијарди долари.
На оваа социјална мрежа биле активни 2,8 милијарди корисници месечно, 12 проценти повеќе отколку во истиот период претходната година.
Фејсбук генерира најголем дел од своите приходи од објавување реклами, а резултатот во последниот квартал од минатата година ја потврдува исправноста на одлуката за проширување на полето на е-трговија преку Instagram Shopping и Facebook Marketplace.
Овие две компоненти на Инстаграм и Фејсбук се потпираат на трендот на купување преку социјалните мрежи, кој се интензивираше минатата година, бидејќи активностите на отворено се намалуваа поради ограничувањата поврзани со пандемијата на ковид 19.
Компанијата лансираше низа нови производи за е-трговија, како што се Facebook Pay и Facebook Shops, кои овозможуваат купување преку апликации, вклучувајќи ги Instagram и WhatsApp.