Гугл лансираше своја платформа за вести во Австралија во петокот, потпишувајќи договори со неколку издавачи за корисење на нивната содржина со цел да се спротивстави на иницијативата на владата за споделување приходи со медиумите.
Платформата News Showcase требаше да биде лансирана во јуни минатата година, но Гугл го одложи планот откако Камбера покрена законска иницијатива со која сака да ги принуди дигиталните платформи да плаќаат за користење на медиумска содржина.
Технолошката компанија се закани дека ќе го повлече пребарувачот од Австралија доколку законот биде усвоен, тврдејќи дека не може да се спроведе на дело.
Гугл ја лансираше платформата News Showcase во Австралија, потпишувајќи договори со седум издавачи, вклучувајќи го и „Канбера Тајмс“, кои му овозможуваат да ги користи нивните содржини.
Гугл соопшти дека сака да потпише договори со повеќе австралиски издавачи, чија позиција е зајакната со иницијативата на владата.
„Ова е алтернатива на моделот претставен од австралиската влада. Ќе видиме дали и поголемите издавачи ќе ја прифатат платформата“, рече Дерек Вилдинг, професор на Универзитетот за технологија во Сиднеј.
Според законот предложен од Канбера, Google и Facebook треба да преговараат со издавачите за цената на содржината вклучена во резултатите од пребарувањето и во newsfeed-от. Предлогот предвидува арбитража во случај платформите и медиумите да не постигнат договор.
Владата сака да ја зајакне позицијата на медиумите во преговорите со дигиталните гиганти и го најави законот во декември минатата година, по истрагата која ја покажа преголемата моќ на пазарот на технолошките гиганти во медиумскиот сектор.
Таквата состојба претставува потенцијална закана за демократијата, заклучи Канбера.
Истрагата, меѓу другото, покажа дека од секои 100 американски долари потрошени за онлајн рекламирање, 53 долари одат на Гугл, 28 долари на Фејсбук и 19 долари на други медиумски компании.