Новиот растителен бургер на Мекдоналдс, кој компанијата го најави во ноември, дебитираше во Данска и Шведска. McPlant, како што се нарекува бургерот од протеининско растително потекло, ќе се тестира во овие скандинавски земји, и доколку се покаже добро, ќе се појави и на други пазари.
McPlant, новиот бургер на Мекдоналдс, содржи паштета направена од протеин од грашок и ориз, која е развиена во соработка со компанијата Beyond Meat.
Периодот во кој Данците и Швеѓаните ќе имаат можност да пробаат бургер без месо започна во јануари и ќе трае до 15 март во Шведска, односно 12 април во Данска.
Скандинавскиот успех на бургерот од растителни протеини ќе биде детално анализиран пред потенцијалното пласирање на McPlant на други пазари.
Овој необичен бургер се подготвува на истата скара како и говедските плескавици, па затоа технички не е вегетаријански.
Без оглад на тоа, во соопштението за медиумите од шведскиот огранок на познатиот ланец за брза храна, McPlant беше претставен како најнова опција за флекситаријанци – оние кои претежно се хранат вегетаријански, но сепак не го исфрлиле целосно месото од нивната исхрана.
Мекдоналдс и компанијата Beyond Meat соработуваа на сличен проект во Канада.
„Иако Мекдоналдс ќе набави бургери за McPlant за последната фаза на тестирање преку Beyond Meat, не е прецизирано дали тие ќе бидат снабдувачи и во иднина“, пишува Блумберг.
McPlant е најновиот производ во низата слични кои се без месо, а коишто ги тестираат компаниите за брза храна.
Во последниве години, Бургер Кинг, Старбакс, КФЦ и други, на своите купувачи им понудија разни производи од компанијата Beyond Meat или конкурентската компанија Impossible Foods во рамките на тест периодот.