„Трепнеш и ја нема“ – вака може да се опише рекламата на социјалната платформа Reddit за време на неделниот Super Bowl. Имено, додека големите брендови се „истураа“ пари за подолги реклами за време на големиот натпревар, Reddit реши да се „замеша“ со онолку колку што беше во можност. „Дај шта даш“…
Имено, рекламата на Reddit траеше само 5-секунди и вклучуваше две сцени, од кои втората всушност беше релативно подолг текст кој ја објаснуваше самата реклама, а за да можат него да го прочитаат, збунетите гледачи мораа да паузираат или да враќаат назад.
„Рекламите за големи натпревари се скапи, па ние не можевме да купиме една цела. Меѓутоа, бевме инспирирани и решивме да го потрошиме целиот наш буџет за маркетинг на 5-секунди време за емитување. Едно нешто што научивме од нашата заедница минатата недела е дека потценетите можат да постигнат било што кога ќе се здружат околу заедничка идеја,“ стои во текстот на рекламата.
Според генералниот маркетинг директор на Reddit, Рокси Јанг, платформата оригинално не планирала да емитува реклама за време на Super Bowl, до пред една недела.
Промената во планот дошла откако се крена големата „фама“ околу акциите на Gamestop пред две недели, кога корисниците на Reddit успеаја да ги подигнат акциите на продавницата за видео-игри толку високо, што тие направија еден куп пари, а инвестициските фондови на Вол Стрит изгубија многу повеќе. Според Reddit, со вниманието кое платформата го добила од јавноста бил поставен совршениот контекст за да се вмешаат и со реклама на Super Bowl.
Кратката кампања била создадена со помош на креативната агенција Interpublic Group’s R/GA.
What just happened? pic.twitter.com/DypRp6DeQt
— Reddit (@reddit) February 8, 2021