Социјалната платформа TikTok потпиша договор со УЕФА да биде спознор на претстојното Европско првенство во фудбал кое беше одложено минатата година, а треба да се одржи ова лето.
Ова е прва инстанца во која дигитална платформа ќе спонзорира голем фудбалски турнир и воедно прв ваков маркетиншки предизвик за TikTok, кој „агресивно“ се шири во Европа по основањето на континентална канцеларија во Лондон во 2018 година.
Како дел од договорот, TikTok ќе лансира повеќе содржини со цел промоција на турнирот, вклучувајќи ефекти на изменета реалност, хаштаг предизвици и стриминзи во живо. Исто така, платформата ќе ги поттикнува своите инфлуенсери и креатори на содржини да создаваат повеќе видеа со фудбалска тематика.
Европското првенство на УЕФА наскоро ќе лансира и официјален профил на TikTok во пресрет на турнирот, а социјалната платформа се надева дека ќе има бенефит во насока на популаризација на својот бренд преку масовните телевизиски прености на натпреварите од првенството.
Финансиската вредност на договорот не е откриена, но се претпоставува дека изнесува неколку десетици милиони евра.