ВВ Тиквеш се приклучи кон интернационалниот предизвик и нивниот тим одигра на музиката на „Јерусалема“, песната која во текот на изминатата година стана светски симбол на единство и мир во поделеното општество.
Вчера на денот на Св. Трифун беше објавено видеото со кое од ВВ Тиквеш сакаат да ја промовираат пораката за надеж и желбите за просперитет во годината која не очекува, раскажувајќи ја македонската винска приказна во ритамот на љубовта и сплотеноста како дел од предизвикот Јерусалема.
“Да го подигнеме духот и моралот, да ги приближиме различностите и барем на момент да се расположиме и да избегаме од реалноста. Покрај тоа, се надеваме дека приклучувањето кон еден ваков глобален предизвик ќе придонесе за луѓето надвор од земјава да ја запознаат Македонија како винска земја, а воедно и да го промовираме Тиквеш како еден од најголемите национални брендови до пошироката светска публика” – велат од ВВ Тиквеш.
Деновите на припрема на кореографијата, вежбање и снимање исто така придонеле за извонреден тим билдинг.
“Тоа ни недостигаше во текот на минатата година и успеавме да ја вратиме енергијата во тимот преку ова дружење, преку чувството дека сме сите заедно во ова и дека ја споделуваме истата позитивна енергија. Од комуникациски аспект, дефинитивно беше потребна храброст за да преминеме преку коментарите во јавноста за претходните видеа кои беа дел од овој предизвик и сепак да ја оствариме нашата замиса. За нас ова не беше само прифаќање и преземање на некаков онлјан предизвик, туку сакавме да го подигнеме критериумот и да го искористиме моментумот за да подготвиме понеформално копороративно видео со кое ќе ја претставиме ВВ Тиквеш. Ако погледнете одблиску, низ кадрите се претставени главните аспекти од процесот на производство на вино, видеото дозволува прошетка низ различните сектори во винаријата, низ насадите, а лесно може да се видат и капацитетите со кои располага компанијата. Ова е особено важно за нас како компанија, но и за Македонија доколку сакаме да биде светски препознаена како винска земја.”