Германскиот производител за спортска опрема „Адидас“ планира да го продаде или да го издвои од компанијата помалку успешниот бренд Рибок, 15 години откако го купи американскиот бренд во обид да се натпреварува со моќниот ривал „Најк“.
Како што беше објавено од „Адидас“, компанијата одлучи да започне формален процес со цел деинвестирање на „Рибок“ во рамките на петгодишната стратегија која има намера да ја претстави на 10 март, кога ќе ги објави деловните резултати за 2020 година, пренесува CNBC.
Тогаш ќе извести и за престанок на работата на „Рибок“ во првиот квартал на 2021 година. Се проценува дека вредноста на „Рибок“ може да изнесува околу една милијарда евра.
„Рибок и Адидас ќе можат подобро да го реализираат својот потенцијал за раст како независни компании една од друга“, рече извршниот директор Каспер Рорстед во изјавата.
„Адидас“ го купи „Рибок“ со седиште во Бостон во 2006 година за 3,8 милијарди долари, но неговите лоши деловни резултати доведоа до постојани барања од инвеститорите на германската компанија да се ослободат од брендот.
Во меѓувреме, „Адидас“ успеа со својот основен бренд да наметне доминација над „Најк“ во САД, со помош на партнерства со познатите личности како Кајне Вест, Бијонсе и Фарел Вилијамс.
Во 2016 година, кога ја презеде функцијата извршен директор, Рорстед започна план за ревитализација на „Рибок“, што помогна брендот повторно да стане профитабилен, но неговите перформанси сепак заостануваат зад основниот бренд „Адидас“, а за тоа придонесе и пандемијата на ковид 19.
Нето продажбата на „Рибок“ падна за 7,0 проценти во третиот квартал на 2020 година на 403 милиони евра, откако падна за цели 44 проценти во претходниот квартал.