Една од најпрепознатливите работи за шведскиот бренд за мебел IKEA се неговите прирачници и планови за составување на мебел, кои дури се претворија и во интернет „меме“ поврзано со брендот.
Сега брендот се одлучи да ги надополни овие прирачници и со насоки за расклопување на тој мебел, со цел да промови поодржлив начин на живот. Имено, со правилното расклопување и транспорт на мебелот, во услови на преселба или предавање на нови сопственици, корисниците ќе се соочуваат со помалку скршени делови и ќе можат значително да го продолжат животниот век на тој мебел.
Кампањата започна на пазарот во Обединетото Кралство и Ирска, а е создадена со помош на агенцијата RAPP UK. Засега на веб-сајтот на ИКЕА се достапни шест прирачници за расклопување на најпопуларните артикли на брендот.
„Продолжувањето на животот на Вашиот мебел со нашите „инструкции за расклопување“ е еден од начините на кој ја надградуваме нашата заложба за одржливост. Правилното расклопување [на мебелот] го намалува ризикот од оштетувања, истовремено намалувајќи го својот импакт врз животната средина,“ стои на веб-сајтот на IKEA по повод новата кампања.
Инструкциите за расклопување се дел од планот на IKEA за прераснување во целосно циркуларна компанија до 2030 година.