Брендот за спортска опрема Nike неодамна ја лансираше својата прва колекција наменета за бремени жени – Nike (M). По тој повод, брендот објави нова кампања насловена „Најсилните атлети“, во која ги истакнува корелациите помеѓу спортот и мајчинството преку искуството на 20 жени во различни фази од нивната бременост и после неа, истакнувајќи дека тоа е еднакво на „ултрамаратон“.
„Што е спортистка? Некоја која се движи? Звучи како тебе. Некоја која ги завршува работите, без разлика на се’? Ти го правиш тоа. Некоја која го слуша своето тело? Исто како тебе. Некоја што и’ пркоси на гравитацијата? Како тебе. Некоја која се справува со болката, го достигнува својот лимит и потоа го надминува. Па, дали ти можеш да бидеш спортистка? Ако ти не си, тогаш никој не е.“ – се посочува во рекламата на Nike.
Според компанијата, рекламата е монтирана од преку 22 часа на снимен материјал од жени од различни делови на светот, при што секоја снимка била режирана преку Zoom.
Меѓу 20-те жени присутни во филмот се наоѓаат и тенисерката Серена Вилијамс, фудбалерката Алекс Морган и атлетичарката Пери Шејкс-Дејтон, заедно со други популарни и помалку популарни женски спортистки.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Wieden & Kennedy London.