Колумна на Данче Азманова
Дали кога се будиш наутро, првото нешто што го правиш е го проверуваш твојот телефон? Дали неколку минути подоцна се фаќаш себеси како несвесно скролаш на Фејсбук или гледаш сториња на Инстаграм без некоја особена цел или дестинација?
И јас така правев пред 3 години. И јас не можев да го замислам утринското кафе ако тоа не вклучува половина час скролање објави за да видам како моите пријатели си ја поминале вечерта. По некоја случајност – тоа секогаш беа слики исполнети со многу забава, радост, совршени специјалитети и многу алкохол. Само јас ли имав лоша вечер?!
Денес, не користам Инстаграм веќе 3 години. Фејсбук профилот ги избришав пред 3 месеца. TикТок профилот го избришав уште истиот ден кога се зачленив.
Сигурно се прашувате: Што се случи еден ентузијаст за социјални медиуми да ги откаже најомилените платформи во светот?
Сфатив колку негативно ми влијаат врз менталното здравје.
Ова се само неколку од главните причини што ме наведоа засекогаш да ги баталам од мојот мобилен телефон и од мојот живот:
- Не учам ништо корисно што можам да го применам во секојдневниот живот (освен рецептите);
- Читањето негативни објави и жалопојки ме исполнува со анксиозност и негативност;
- Негувам квази комуникација со “пријатели” кои што кога ќе те сретнат на улица не те ни препознаваат;
- Признавале или не, те тера да се спредуваш со другите корисници и да се прашуваш зошто и ти немаш таков совршен живот да покажеш во јавноста како твоите “пријатели”;
- Залудно трошење време што може да се вложи во нешто попродуктивно (1 час скролање = 1 час читање книга = 1 час јога).
Никој не го оспорува тоа дека социјалните медиуми се ФАНТАСТИЧНА алатка кога станува збор за промоција на компанија, производи или услуги. Никогаш не било поедноставно за еден бренд дури и со нула денари буџет за рекламирање да допре со пошироката публика.
Од друга страна, никогаш не било и поедноставно да се конектираш со роднина од Америка кој не си го видел од 3от роденден или да договориш кафана со пријатели без да трошиш кредит.
Но, по која цена?
Дали придобивките ги надминуваат последиците што ти ги осеќаш по твоето ментално здравје?
Ако одговорот е ДА, слободно игнорирај го остатокот од текстот.
Ако се уште се двоумиш за одговорот, те охрабрувам во себе да си го одговориш прашањето: Дали е време да ги откажеш социјалните медиуми? Зборувам за оние апликации кои што откако ќе го исклучиш телефонот те прават да се чувствуваш мизерно и непродуктивно.
Ако причините што ги споменав погоре резонираат со твоето размислување, можеби е време да размислиш кои се оние “кул” апликации кои не ти носат никаква вредност приватно и професионално.
За почеток, тестирај ја својата волја. Дај им пауза од 30 дена. Биди цврст/а и не потклекнувај да си го отвориш профилот кога ти е досадно.
Од искуство, ти гарантирам дека по истекот на овој период, сосема ќе заборавиш дека некогаш и си имал профил таму.
За возврат, ќе си добиеш многу слободни часови кои што ќе можеш да ги искористиш за да вложиш во себе и во вистинските пријателства што се градат и оддржуваат очи во очи. Зашто токму овие работи нема да ги најдеш на социјалните мрежи.