За секое згрижено куче, компанијата Фин ќе донира 500 крипто-валути Догкоин
Агенцијата Ogilvy Social.Lab започна дигитална кампања #AdoptaDogecoin, која ја користи моќта на криптовалутите за да ги охрабри луѓето да вдомат кучиња.
Догкоин (DOGE) е криптовалута чија популарност вртоглаво се зголеми откако ја доби поддршката од медиумите и јавните личности како Елон Маск и Снуп Дог. Креирана е уште во 2013 година според моделот на популарното интернет меме „Doge“ кое претставува слика на куче од расата Шиба Ину и го користи истиот лик како свое лого.
Содржината на кампањата го промовира најдобриот пријател на човекот како најдобра инвестиција во животот. Не само затоа што тие обезбедуваат безусловна љубов, значење и радост, туку и затоа што сега се придружени со криптовалута која доживеа пораст на вредноста од 21000% од официјалното лансирање во 2013 година. Долгорочна инвестиција.
Кампањата е креирана за брендот „Фин“, американски стартап кој со својот модерен пристап ја има за цел исклучиво благосостојбата на кучињата. Од природни додатоци на кучиња до програми за вдомување, компанијата Фин сака да го направи животот на секое куче подобар.
Тимот на агенцијата Ogilvy Social.Lab имаше поинаков пристап кон згрижувањето. Агенцијата го искористи мемето како инспирација, како вербално, така и визуелно, за да достигне до целната публика и ангажман што ќе ги зголеми шансите кучињата од засолништето да ги пронајдат своите домови.
Толга Бајукдоганај, извршен креативен директор на Ogilvy Social.Lab, вели: „Вдомувањето на куче е доживотна обврска, колку повеќе време поминувате со вашето куче, толку повеќе тоа станува дел од вашето семејство. Сакавме да ја истакнеме оваа вистина со долгорочен инвестициски план, со крипто-валутата Догкоин “.
Ко-основачот на компанијата Фин, Џејмс Шалуб изјави: „За прв пат ја користиме моќта на капитализмот и технологијата и ги насочуваме кон еден решлив проблем – здравјето и безбедноста на нашите кучиња, кои отсекогаш биле и ќе бидат наши најдобри пријатели и најлојални поддржувачи “.