Поминувањето на цел ден дома во сред пандемија може да биде навистина тешко, особено за менталното здравје. Меѓутоа, работите може да станат поинтересни доколку почнеме да ги гледаме со „свеж“ пар на очи, угледувајќи се на децата и нивната прекрасна имагинација.
Тоа е идејата на новата кампања на американскиот производител на играчки Fisher-Price, насловена „See Toys Everywhere“ („Гледајте играчки насекаде“), која ги повикува гледачите повторно да го разбудат и да се поврзат со своето внатрешно дете и да им дадат ново значење на секојдневните предмети околу нив.
Забавниот централен спот на кампањата и пропратните постери илустрираат како метлата може да стане гитара, чешелот да биде микрофон, штицата за пеглање да се замисли како штица за сурфање, обичното стапче да стане магично итн.
Можеби препораките се чинат како посоодветни за луѓе кои дома имат деца, но кампањата е навистина повеќе насочена кон возрасните кои станаа особено нервозни и немирни во овие времиња полни со предизвици. Сега повеќе од било кога, луѓето имаат потреба од една поинаква перспектива.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата Wieden+Kennedy, а претставува ново продолжение во повеќегодишната платформа „Let’s Be Kids“ („Ајде да бидеме деца“) на компанијата Fisher-Price.