Технолошкиот гигант Фејсбук е последната голема компанија која во екот на пандемијата ќе го ревидира својот глобален медиски договор за планирање и закуп на медиски простор. Се проценува дека медискиот буџет на Фејсбук е еднаков на 750 милиони долари.
Според одредени информации, ревизијата ја води глобалната консултантска компанија за менаџмент ID Comms. Медиските агенции Mindshare и Dentsu, кои досега го водеа медиското планирање и закуп за сите платформи на Фејсбук, исто така учествуваат во повикот и се надеваат на нов договор.
Покрај тоа што претставува една од најголемите светски огласувачки платформи, Фејсбук е истовремено и еден од водечките огласувачи во светот, а само во 2020 година, компанијата го зголемила својот огласувачки буџет за 43%.
Во однос на креативните агенции, Фејсбук ги има разделено своите различни платформи на повеќе агенции – Wieden+Kennedy е задолжена за социјалната мрежа Facebook, Ogilvy за Instagram, Leo Burnett за Messenger, BBDO за WhatsApp, а Droga5 е задолжена за корпоративниот бренд. Фејсбук исто така има и своја внатрешна креативна агенција – Creative X, која помага кај сите платформи.
Како резултат на пандемијата, голем број на светски брендови ги ревидираат своите агенциски модели и пристапи во огласувањето, па се очекува дека 2021 ќе биде година на големи промени и поместувања во бизнисот.