Доделувањето на Оскарите е закажано за 25 април
Најновото издание на церемонијата за доделување на Оскарите не` очекува за еден месец, а како што стојат работите, рекламите кои што ќе бидат прикажани за време на овој настан ќе чинат многу пари.
Според „Variety“, телевизијата ABC наводно бара 2 милиони долари за да емитува реклама од 30 секунди за време на Оскарите оваа година.
Оваа информација е потврдена од два неименувани извори кои биле информирани за ситуацијата.
Она што ги загрижува радиодифузерите е дека рејтингот на Оскарите се намалува. Имено, минатогодишните Оскари, кои се одржаа непосредно пред почетокот на пандемијата, достигнаа најнизок рејтинг од само 23,6 милиони – што е за 6 милиони помалку од претходната година.
Овој тренд се очекува да продолжи и оваа година. Церемонијата на доделување на наградите е закажана за 25 април.