Мултинационалната британска компанија за широка потрошувачка Unilever отпочнува ревизија на својот медиски договор за планирање и закуп на огласувачки простор. Се очекува дека најмалку пет големи светски агенциски мрежи ќе се борат за тој договор.
„Можеме да потврдиме дека правиме ревизија на медиската агенција, што претставува дел од нашиот стандарден процес за обезбедување на партнерство со медиска агенција која е најдобра во својата класа,“ посочуваат од Unilever, без да наведат дополнителни детали.
Компанијата наводно испратила покани до голем број на агенциски групации, меѓутоа нема детали за тоа како компанијата планира да го води целиот процес.
WPP, Omnicom и Interpublic ќе се обидат да го задржат или зголемат својот удел во медискиот договор на еден од најголемите огласувачи во светот. Според познавачите на пазарот, нивни „предизвикувачи“ ќе бидат Dentsu и Publicis Groupe, кои одбиле да ги коментираат ваквите наводи.
И двете последноспоменати агенции имаат блиски односи со Procter & Gamble, еден од најголемите конкуренти на Unilever, што некои сметаат дека ќе биде пречка во нивната потенцијална соработка со Unilever. Меѓутоа, Publicis Groupe минатата година добила значаен договор со Unilever во САД, па реално се чини дека нивната соработка со P&G не би требала да биде сериозна пречка за проширување на соработката со Unilever.
Минатата година, компанијата Unilever потрошила 8.3 милијарди долари за маркетинг и адвертајзинг. Под нејзина капа се голем број на светски брендови, вклучувајќи ги и Ben & Jerry’s, Comfort, Dove, Hellmann’s и Marmite.