Фернандо Мачадо, генералниот маркетинг директор на Restaurant Brands International, во чија сопственост е брендот Burger King, објави дека ја напушта компанијата после седум години.
Мачадо важи за еден од најпознатите, најценети и најнаградувани маркетери во светот, меѓутоа тој не посочи кој ќе биде неговиот следен кариерен чекор, освен дека се работи за „голема можност“.
„Ова беа седум фантастични години во Restaurant Brands International. Јас сум супер горд на влијанието кое тимот го имаше врз брендовите, особено Burger King, и остварената работа во насока на одржливоста, квалитетот на храната и инклузивноста на различностите,“ истакна Мачадо.
Мачадо се приклучи на Burger King како директор за бренд маркетинг во 2014 година, после 18 години поминати во Unilever. Во 2017 година тој беше именуван за маркетинг директор на Burger King, а на почетокот од 2020 и за генерален маркетинг директор на матичната компанија Restaurant Brands International. Во негова надлежност беа маркетиншките активности за брендовите Burger King, Popeyes и Tim Hortons.
Негова наследничка во Restaurant Brands International ќе биде Палома Азулај, генерална маркетинг директорка на синџирот за брза храна Popeyes.