Гугл во средата објави дека потпиша договори за објавување содржина со повеќе од 600 медиумски куќи ширум светот, најавувајќи дека ќе одвои една милијарда долари за информативната програма.
Издавачи од десетина земји го одобрија објавувањето на содржината, а корисниците можат да ја видат во Австралија, Аргентина, Бразил, Германија, Велика Британија и Италија, објави Ројтерс.
Во февруари, Гугл објави дека потпишал договори со „повеќе од“ 500 медиумски компании.
Единствениот услов на Гугл е издавачите да обезбедуваат одредена количина содржина дневно, рече Бред Бендер, шефот на Google News Showcase, додавајќи дека финансирањето треба да им помогне на медиумите да ангажираат новинари за уредување на содржината, која ќе биде обликувана во „панели“.
Панелите ќе бидат објавени во апликациите News и Discover, рече Бендер.
Корисниците можат да ги „следат“ издавачите за да добијат повеќе панели од нив. Издавачите, вклучувајќи ги „Фајненшл тајмс“ и „Канбера тајмс“, заедно генерираат 7.000 панели на ден и имаат над 200.000 регистрирани следбеници, наведува Ројтерс.
Американскиот гигант се надева дека издавачите на крајот ќе ги охрабрат следбениците да се претплаќаат на содржина или да ги зголемат приходите со поголеми прегледи на содржини поддржани од реклами.
Програмата на Google треба да трае до 2023 година, а компанијата за објавување содржина во News Showcase планира да одвои една милијарда долари. Тие тврдат дека немаат намера да заработат пари за тоа.
Тие одделно склучиле договор со медиумски компании во Франција, со надоместоци за содржина кои се движеле од 1,3 милиони долари за весникот „Монд“ до 13.741 американски долари за локалниот весник „Ла Воикс де ла Ут Марн“.
Од Гугл не сакаат да ги коментираат условите на договорот во Франција и другите земји и посочуваат дека продолжуваат да преговараат со други издавачи, вклучувајќи ги и оние во САД.
Технолошкиот гигант се најде на удар на медиумските компании, кои го обвинуваат дека им зема дел од приходите од рекламирање. Фејсбук и Гугл заедно контролираат половина од пазарот за дигитално рекламирање, посочува Ројтерс.
Гугл тврди дека не контролира премногу како медиумските компании ги трошат парите.
„Нашата намера е да им олесниме на издавачите да учествуваат во програмата, но нејзината крајна цел е да им служи на создавање на поодржлива иднина за информативната содржина“, велат од Гугл.
Додаваат дека во следната фаза компанијата ќе инвестира повеќе пари во објавување на вести.