Утре започнува форумот IZAZOV 2021
Седмиот регионален форум на комуникациски лидери IZAZOV 2021, под слоганот „MAKE IT BIGGER“, ќе се одржи во организација на Маркетинг мрежа, на 6 и 7 април во хибриден формат. Своето учество на форумот го потврдија повеќе од 500 компании и агенции од целиот регион.
Под покровителство на агенцијата Клипинг Белград, оваа година настанот ќе го отвори Патрик Шобер, партнер во агенцијата PRAM Consulting од Чешка, кој воедно е главен говорник на форумот IZAZOV 2021година. Тој ќе зборува на тема „Односи со јавноста 4,0: предизвици и можности за новата ПР етапа”, а која што се однесува на предизвиците со кои се соочува комуникациската индустрија, како тие да се надминат за да преживее индустријата за односи со јавноста, но и зошто треба да се избегнува AVE методологијата, односно да се применуваат Барселона принципите.
Оваа година, теми на форумот, меѓу другото, ќе бидат: кој ја креира репутацијата на професијата денес; колку вреди агенциската работа; како да се обезбеди независност од големите клиенти и да се преживее нивното заминување; што е sustainable marketing и на кој начин ја менува индустријата од корен; кој презема одговорност за рекламирање на неетички брендови; зошто пазарот во Србија е во состојба на постојано дејствување и што придонесе за тоа. Претставници на најголемите компании и агенции во регионот, ќе зборуваат и за тоа зошто за платите во професијата сè уште само се шепоти; дали само агенциите мразат питчеви или причина за омраза имаат и огласувачите; зошто правилата за питч се мртва буква на хартија.
Посебен сегмент на форумот ќе биде посветен на поттикнување на дијалог помеѓу агенциите и компаниите, преку разни видови интерактивни работилници, а ќе се организира и тимбилдинг за учесниците. Како и претходните години, на форумот IZAZOV 2021 ќе биде презентирано најновото истражување за состојбата на професијата во регионот, кое Маркетинг мрежа го спроведува цели седум години.
Како и минатата година, ќе бидат организирани и speed dating состаноци на компаниите и агенциите. Десетте најголеми компании во Србија се отворени за состаноци со претставници од агенциите.
Овогодинешниот форум IZAZOV ги поместува границите на организацијата на онлајн настани во Србија и ќе ги собере најважните имиња од домашниот и регионалниот свет на маркетинг, ПР и дигитални комуникации.
Повеќе информации за форумот пронајдете на сајтот www.izazovforum.rs