На улиците на Белград се појави светлосна реклама во која се појавува пораката „Кога ќе бидеш подготвена“. Наскоро, овој слоган на препознатлива типографија започна да ги преплавува социјалните мрежи.
Станува збор за движење, а не рекламна кампања, кое настана спонтано, со цел да се поддржат жртвите од сексуално насилство и да се даде одговор на прашањето што еден дел од јавноста им го поставува на жртвите: Зошто не кажаа порано?
Движењето #КогаЌеБидешПодготвена потекнува од креативците на агенцијата DIRECT MEDIA United Solutions, мотивирани од желбата да ги охрабрат жртвите да ги споделуваат своите приказни само кога се подготвени и да им порачаат дека не треба да се правдаат пред никого за времето кое што им е потребно.
„Србија е традиционална земја, но често ги негува конзервативните вредности. Исто така, кога станува збор за сексуалното насилство, за жал, не сме едуцирани и не зборуваме отворено и често. Затоа не изненадува фактот што во јавноста, после храбрите изјави на жените, се појавуваат речениците „Па зошто не кажа порано?“ или “Зошто токму сега?” Иако некои го користеа ова прашање како оружје за омаловажување на жртвите и како основа за недоверба, многумина го поставија прашањето поради недоразбирање на проблемот“, рече Стефан Гајиќ, уметнички директор во DIRECT MEDIA United Solutions.
Иако ситуацијата е сложена и честопати изгледа збунувачка и комплицирана, одговорот на причината зошто жртвите не истапиле порано, според објаснувањата на терапевтите кои се занимаваат со жртвите на сексуално насилство, е многу едноставен – потребно е време. За да можат жртвите јавно да зборуваат за проблемот, тие мора да бидат подготвени, а за секоја жртва тоа е индивидуално.
„Ова е токму она што сакавме да го покажеме. Во соработка со Алма Кватро, креиравме порака која што го илустрира времето и ја подигнува свеста за тоа колку е тоа важно за жртвите на сексуално и на друго насилство. Потребно е време за да се испише целата порака „Кога ќе бидеш подготвена“. Слоганот се појави кога беше подготвен, исто како што и жртвите истапуваат кога ќе бидат подготвени“, порачуваат од Direct Mediа.
Дополнителна вредност на движењето даде и Јана Оршолиќ дизајнирајќи уникатна типографија. Јана е визуелен уметник и истовремено е една од најгласните кога станува збор за толку чувствителна тема.
Од DIRECT MEDIA United Solutions велат дека и мажите се жртви на сексуално насилство и дека секако една ваква порака треба да им се испрати и нив и дека секоја приказна заслужува внимание и е уникатна сама по себе.