Пивскиот бренд Budweiser лансираше нова кампања за британскиот пазар во која ги истакнува своите еколошки заложби за енергетски одржлива иднина.
Имено, компанијата соопшти дека, почнувајќи од јунауари 2021 година, секоја лименка, шише и буре на Budweiser во Обединетото Кралство биле произведени со 100% обновлива електична енергија.
Централниот спот на кампањата отпочнува со сцена од блиску на далматинец чии уши и лице се веат на ветрот. Кога видикот малку ќе се оддалечи, гледаме дека далматинецот се вози на запрежна кола влечена од коњи, брендирана со боите и логото на Budweiser. Иако се чини дека сцената прикажува некој момент пред 200 години, штом видикот ја промени страната и уште повеќе се оддалечи од запрегата, во позадината гледаме пространо поле со модерни турбини на ветар.
Спотот е пропратен со песната “Blowin’ in the Wind” од Боб Дилан, кој пее дека „Одговорот се наоѓа во ветрот“ (што во контекст на рекламата добива едно сосем поинакво значење отколку оригиналното во песната). Всушност, името на кампањата, “Change is in the Air” („Промената е во воздухот“), е истовремено метафорично, но и буквално – промената во производството и употребата на електрична енергија е токму во воздухот т.е. ветрот.
Според Budweiser, доколку секоја една од 8.5 милијарди годишно испиени чаши пиво во Британија би биле производени со обновлива енергија, тоа би го спречило испуштањето на 350 милиони тони јаглероден диоксид во атмосферата, што е еднакво на прочистувањето кое би го направиле 500.000 дрвја.