Компанијата Најк започна со продажба на половни патики во некои свои објекти, како дел од напорите за намалување на количината на отпад.
Иницијативата покрената оваа недела подразбира дека одредени продавници ќе прифатат малку носени патики или со дефекти во производството, ќе ги исчистат и дезинфицираат.
Вака подготвените патики ќе се продаваат по намалена цена.
Американската компанија објави дека во моментов продава носени патики во осум продавници во САД, но планира да ја прошири акцијата на уште 15 локации до крајот на април, а потоа и надвор од Америка.
Одржливиот развој е во растечкиот фокус на големите производители на спортска опрема и модната индустрија, која е една од најголемите загадувачи на планетата.
Големите брендови се натпреваруваат за да се докажат како борци против климатските промени. Минатата година Adidas и Allbirds објавија дека ги здружуваат силите во создавање на издржливи патики чие производство има најмалку негативно влијание врз животната средина.
Од друга страна, Најк има за цел да ги намали емисиите на штетни гасови за 70 проценти до 2025 година.