Новинската агенција Reuters News соопшти дека нивните онлајн статии отсега ќе можат да се читаат само со претплата, означувајќи промена во својот демографски фокус од општата јавноста кон „професионални читатели“. Од Ројтерс веруваат дека ова е иднината во развојниот пат на современото новинарство, како што „ непристрасните и прецизни вести“ стануваат се’ поценети ширум светот.
Паралелно со соопштението за ваквата одлука, новинската агенција го лансираше и својот нов веб-сајт каде претплатниците ќе може да пристапуваат кон сите „доверливи вести, сеопфатни анализи и глобални перспективи кои навикнале да ги очекуваат.“ Од агенцијата додаваат дека новите вести ќе бидат комплементирани со повеќе врвни фотографии, видеа и графички прикази.
Посетителите на веб-сајтот ќе можат да прегледаат само пет бесплатни вести, а за повеќе, од нив ќе биде побарано да регистрираат кориснички профил. Оние кои сакаат да го читаат Ројтерс без пречки, тоа ќе можат да го сторат со издвојувањето на 34.99 долари месечно – цена во ранг на Bloomberg и The Wall Street Journal.
Со оваа трансформација, Ројтерс започнува и нови категории на вести, вклучувајќи право, одржлив бизнис, здравство и автомобили, а ќе испраќа и „њуслетери“ по специфична индустрија, со цел да им помогне на професионалците во носењето на поинформирани одлуки.
Новиот веб-сајт има минималистички дизајн со цел вниманието на читателите целосно да се насочи кон содржината. Исто така, тој ќе им овозможи на читателите поголема флексибилност во однос на тоа што тие сакаат да читаат, односно ќе можат да го менуваат распоредот на категориите по свој вкус.
Пред воведувњето на претплатата, Ројтерс собираше околу 41 милиони уникатни посетители месечно. Со новата трансформација, очекувано е дека тој број драстично ќе падне, но од новиската агенција веруваат дека ставањето цена на квалитетните вести е чекор напред.