Социјалната мрежа Инстаграм јавно се извини поради грешка во алгоритмот која довела до промоција на штетни диетни содржини на луѓе со нарушувања во исхраната
Имено, социјалната платформа препорачувала термини како “постење” и “супресија на апетит”, што некои корисници стравуваат дека може негативно да влијаат врз одредени ранливи луѓе и кај нив да предизвикаат рецидив.
Од компанијата Фејсбук, која е сопственик на Инстаграм, посочуваат дека препорачаните термини биле предизвикани од воведувањето на нова функција за пребарување.
„Неодамна воведовме нова опција за пребарување на Инстаграм, покрај хаштазите и корисничките имиња, со цел да им се помогне на корисниците полесно да откриваат и истражуваат содржини кои им се интересни. Како дел од оваа нова функција, кога корисникот ќе притисне на лентата за пребарување, ние му предложуваме теми кои тој би сакал да ги пребара. Тие предложени теми, како и самите резултати од пребарувањето, се лимитирани на генерални интереси, а губењето на тежина не смееше да биде една од нив,“ објаснуваат од Фејсбук.
Од компанијата додаваат дека штетните термини се отстранети, а проблемот со пребарувањето е разрешен.
Содржини кои промовираат нарушувања се забранети на Инстаграм, додека пак постови кои огласуваат производи за слабеење се сокриени за корисници помлади од 18 години.