Европскиот фудбал се соочи со вистински хаос овие неколку денови, по објавувањето на веста во неделата дека 12 од најголемите европски клубови планираат да се отцепат од Лигата на шампионите на УЕФА и да создадат своја сопствена Европска Супер Лига.
На ваквите планови остро се спротивставија навивачите, фудбалерите и менаџерите на клубовите. Критики стигнаа и од водечки политички фигури како британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон. Па така, планот се распадна вторникот вечерта, кога сите шест англиски тимови кои претходно најавија учество се откажаа од таквата намера, по што следуваа и некои клубови од другите земји.
Како долгогодишен официјален партнер и спонзор на Лигата на шампионите, пивскиот бренд Heineken исто така не остана нем по однос на случувањата. Брендот објави креатива на социјалните мрежи со која се исмева со фијаското кое го доживеа Супер Лигата.
Објавениот постер прикажува шише Heineken на препознатливата зелена позадина, до кое од десната страна стои следниот текст: „Немојте да пиете и да започнете лига. Уживајте во Хајнекен одговорно.“ После оваа реченица следи: „Горд спонзор на УЕФА Лигата на шампионите од 1994 година“.
Едноставната реклама беше примена со широка насмевка од фудбалските љубители на социјалните медиуми, а во нејзиното осмислување свој удел имаше креативната агенција Publicis Italy и специјализираниот оддел “Le Pub” на Publicis посветен на брендот Heineken.