Македонската креативна сцена во Ровињ, Хрватска ќе биде претставувана од најуспешните македонски агенции : МекКен Ериксон, Публицис и Сачи&Сачи кои единствени пријавија свои проекти на BalCannes – регионалната ревија на креативни кампањи која ќе се оддржи во склоп на Weekend Media Festival-от, најголемиот собир на комуникациската индустрија во регионот кој во просек секоја година го посетуваат над 4,000 посетители, а се оддржува во периодот од 18-ти до 21-ви септември.
Погоре споменатите агенции покажаа дека изминатава година сработиле проекти со кои се гордеат и кои на нивните клиенти им донеле бенефит.
Овие агенции покажаа дека се спремни да се натпреваруваат со сите останати креативци од целиот регион и нивната идеја да ја стават “пред судот“ на меѓународно жири.
Докажаа и дека ја прифаќаат филозофијата која им ја “продаваат“ на нивните клиенти – дека за да се успее и да се напредува потребно е да се комуницира со сите вклучени страни во индустријата (…медиуми, агенции, огласувачи).
Уште еднаш го применија златното правило на маркетингот – БИДИ ТАМУ КАДЕ ШТО СЕ ТВОИТЕ КЛИЕНТИ, имајќи предвид дека WMF е најголем собир на целата комуникациска индустрија во регионот и место кое го посетуваат и на кое обрнуваат внимание речиси сите поголеми регионални огласувачи.
Ја увидоа можноста дека инвестирањето во ваков тип на фестивали е корисен повеќекратно со оглед на тоа што нивниот проект на BalCannes (без разлика дали ќе влезе меѓу топ 25 или не) станува дел и од регионалната датабаза на креативни проекти (Yellow Pages) , а оваа година ќе добие и посебна страна во специјалното издание на магазинот Медиа-Маркетинг.
Но сепак, сето ова погоре беше очекувано бидејќи станува збор за дел од најуспешните македонски агенции и очекувано е тие сето ова да го препознаат и искористат, а вистинското прашање е зошто останатите македонски агенции не ја искористија шансата да добијат регионален публицитет и да покажат дека и оваа година сработиле нешто вредно за нивните клиенти.
Оваа година имаше и неколку други одлични кампањи во Македонија кои изгледаа навистина добро и кои како што стигнуваа информации од агенциите оствариле и позитивен ефект за клиентот, па навистина ми е жал што оваа година не ја искористија шансата тоа да го покажат и на регионална сцена.
Да си потврдат пред се себеси дека нивната идеја заслужува регионално афирмирање, на нивните сегашни клиенти да им покажат дека за нив се грижи агенција која стои рамо до рамо со најдобрите од регионот, а на потенцијалните клиенти да им даде уште еден аргумент дека станува збор за агенција која има регионално признато реноме кое нема никогаш да биде нарушено со не-квалитетна работа !
–
Маркетинг365 е медиумски покровител на фестивалот а авторот на текстот е дел од жирито на BalCannes (и да, според пропозициите несмее да оценува проекти кои доаѓаат од Македонија :) )