Швајцарската тениска ѕвезда Роџер Федерер пред скоро време беше именуван за бренд амбасадор на неговата родна земја, а заедно со наградуваниот холивудски актер Роберт Де Ниро сега се појави во новата реклама на туристичкото биро на Швајцарија.
Рекламата е снимана во Зермат, Швајцарија – домот на Федерер, и во апартман во Њујорк – домот на Де Ниро. Тенисерот се обидува да го убеди актерот за соодветноста на Швајцарија како локација за неговиот следен проект. Меѓутоа, Де Ниро негодува.
Причината лежи во тоа што Швајцарија со своите „планини, скијачки ресорти и шармантни мали гратчиња“ не нуди никаква драма, акција и тензија, каква што посакува актерот. Всушност, Швајцарија е премногу мирна, безбедна и совршена за да биде локацијата за неговиот нов филм. Дури и луѓето се премногу љубезни.
Овие „минуси“ за филмската локациа се всушност огромните „плусови“ кои Швајцарија ги нуди на странските туристи, како што светот се ослободува од стегите на пандемијата.
На самиот крај од рекламата, Де Ниро има предлог за Федерер: Можеби да го побара Том Хенкс?