Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) уште во март започна со нова кампања за привлекување на нови регрути, насловена „Humans of CIA“ („Луѓето од ЦИА“). Меѓутоа, кампањата доби на многу поголемо внимание од американската јавност во последните неколку недели, кога стана мета на сериозни критики од двете страни на политичкиот спектар.
Имено, кампањата се состои од серија на неколку видеа во кои луѓе со различен полов, етнички и сексуален идентитет, раскажуваат за своето искуство како вработени во агенцијата. Акцентот на кампањата е ставен токму на инклузивноста и идентитетската шареноликост во редовите на ЦИА.
Меѓутоа, оваа навидум позитивна кампања предизвика силни негативни реакции од јавноста, одразено и преку диспропорционално големиот број „дислајкови“ во однос на „лајкови“ кои ги добија прикачените видеа на ЈуТјуб.
Од една страна, оние со десничарски политички убедувања ја критикуваат како „левичарска пропаганда“ и пример на „преземањето на агенцијата од страна на либералите“. Кон овие напади се приклучија и познати Републикански политичари како сенаторот Тед Круз и синот на поранешниот претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп Џуниор.
Од друга страна, оние со левичарски политички убедувања ја критикуваа кампањата како „пропаганда за одвлекување на вниманието од негативната историја на агенцијата“. Односно, дека таа се обидува на еден „провиден начин“ да го замаскира своето „вистинско лице“.
Агенцијата пак, цврсто застана позади својата кампања и не се откажува од неа, лансирајќи уште едно ново видео пред неколку денови. Дали целото внимание кое беше предизвикано од јавноста е всушност доказ за успехот на оваа кампања? Или пак ќе остане запаметена за тоа како не треба?