Светската маркетинг и адвертајзинг агенција Ogilvy ја именуваше Лиз Тејлор за глобален генерален креативен директор, со што станува првата жена која ќе ја држи оваа висока функција во компанијата.
Таа го презема местото од Пијуш Пандеј, кој беше именуван за претседател на глобалната креатива и ќе продолжи да ја извршува функцијата на претседател на Ogilvy India.
Новата директорка Лиз Тејлог ќе ја надгледува креативата во петте деловни оддели на Ogilvy: адвертајзинг, ПР, искуство, здравство, како и раст и иновации. Односно, таа ќе раководи со креативните задачи на 132 канцеларии во 83 држави ширум светот.
Пред да се приклучи на Ogilvy како глобален генерален креативен директор, таа била глобален креативен директор во Leo Burnett (од мај 2019). Меѓутоа, таа и претходно работела во Ogilvy, каде ја имала улогата на глобален извршен креативен директор, а потоа работела и во FCB.
„Лиз е модерен креативен лидер кој предводи од напред и разбира дека магијата се случува кога создаваме и иновираме во пресекот на нашите можности и талент од светска класа. Знам дека нејзиното искуство за создавање големи, повеќестрани идеи само дополнително ќе ја зајакне способноста на Ogilvy да влијаеме врз нашите клиенти со проекти што го менуваат светот, го менуваат животот и го менуваат бизнисот,“ посочува Енди Мејн, глобалниот извршен директор на Ogilvy по повод назначувањето на Лиз Тејлор.
„Има нешто специјално во тоа да се вратите во Ogilvy и да се приклучите на тимот што ќе ја води оваа иконична компанија во иднината. Креативноста има моќ да промени сè и јас со нетрпение очекувам да работам со неверојатно силната глобална мрежа на креативни таленти на Ogilvy со цел да ги инспирираме луѓето и брендовите да направат импакт врз светот“, истакнува Лиз Тејлор.