Креативната и комуникациска стратегија “Одобрено од мајките” за брендот Аргета, креирана од креативниот тим на агенцијата Публицис Македонија за клиентот Атлантик Група, доби сребрена статуетка на интернационалниот Euro Effie Awards 2014 во категоријата FMCG (Fast-moving consumer goods) како една од најуспешните кампањи реализирани во Европа, според продажните резултати и создадената дополнителна вредност за брендот.
Проектот е заеднички со Публицис Словенија која беше регионален координатор при реализацијата на медиумските и ПР активности на оваа кампања а во него како партнери се вклучени и Atlantic Media, хрватската Alert и M.I.T.A од БиХ.
Наградата на креативниот тим на Публицис Македонија и беше доделена вчера на свечената гала вечер која се одржа во Брисел.
“Горда сум на мојот тим кој уште еднаш покажа извонредна мотивираност, визија и креативен потенцијал потврдувајќи дека е еден од најдобрите регионални креативни тимови во рекламната индустрија. Покажавме дека можеме да креираме кампања која ги надминува границите на Македонија. Кампањата за Аргета беше успешно имплементирана во 6 различни земји, овозможувајќи исклучителни продажни резултати за клиентот“, изјави Александра Дилевска Симова, извршен директор на Публицис Македонија.
“Да се работи на регионален креативен проект паралелно со креативни тимови од повеќе земји беше вистински предизвик.Целта беше да се одбере коминукација која ќе биде мотивирачка, едукативна и емотивна, а истовремено ефикасна. Довербата која ја имавме во Аргета, не охрабри да инволвираме вистински мајки во проектот, да им овозможиме реални искуства со брендот и преку нивните впечатоци да го потврдиме квалитетот на брендот Аргета“, дополнително изјави Василие Чорлука, креативен директор во Публицис Македонија.
Првото место, односно златото во оваа категорија му припадна на агенциите MindshareGermany и Dokyo Hamburg за кампањата Axe Apollo – send our guys into orbit реализирана за клиентот Unilever.
На свеченото доделување на наградите, беше прогласена и EACA Euro Effie 2014 Aгенција на годината, лауреат кој овојпат и припадна на агенцијата thjnk ag од Германија која доби и едно злато и три средба во повеќе различни категории.
Проектите се оценуваа според нивната креативност, и пред сѐ според ефикасноста на комуникацискиот концепт, односно колку тој создава дополнителна вредност за брендот и остварува позитивна комуникација со потрошувачите. Euro Effie Awards е единствениот фестивал во светот каде награда се добива не само за креативност туку пред сѐ за ефикасноста на кампањата, односно колку таа создава позитивна диференцијација за брендот, и му овозможува да се развива.
Euro Effies е организиран од Европската асоцијација на комуникациски агенции, во партнерство со Euronews и поддршка на The European Publishers’ Council, TIME & Fortune magazines и други реномирани медиуми и компании во светот.