Брендот за безалкохолни пијалоци Pepsi објави нова реклама со која носталгично се потсетува на безгрижните моменти на „неред“ пред настапувањето на пандемијата, со надеж дека тие повторно ќе ни се вратат.
Рекламата насловена „The Mess We Miss“ („Нередот кој ни недостига“) прикажува различни сцени на меѓучовечка непосредност без никакви мерки на физичка одалеченост, маски или постојана дезинфекција. Гледаме луѓе кои се гушкаат, бакнуваат, радуваат, јадат со раце, пеат од ист микрофон, уживаат во концерти, а во секоја од тие сцени – тука некаде е и пијалокот на Pepsi како задолжителен придружник во убавите моменти.
Меѓутоа, далеку од тоа дека рекламата поттикнува на непочитување на мерките. Напротив, Pepsi испраќа порака дека само со почитување на мерките, еден ден можеме да се вратиме на нашиот омилен „неред“. „Раздвоени сме веќе толку долго. Но, доколку го завршиме нашиот дел, еден ден повторно ќе бидеме заедно,“ се истакнува во рекламата.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата VaynerMedia и продукциската куќа Ruckus.