Опоравувајќи се од забраната за употреба на оперативниот систем Android во САД, кинеската технолошка компанија Huawei официјално лансираше сопствен оперативен систем за паметни телефони, часовници и таблети – HarmonyOS. Со ваквиот потег, кинеската компанија повеќе нема да биде зависна од американска технологија.
Први уреди кои ќе работаат на новиот HarmonyOS ќе бидат паметните телефони Mate40 и Mate 40 Pro, односно оние уреди на Huawei кои треба да му конкурираат на iPhone 12 на Apple.
Од компанијата се надеваат дека новиот оперативен систем ќе биде имплементиран кај 100 модели на Huawei телефони во следната година и со тоа таа ќе врати дел од својот удел во светскиот пазар на паметни телефони.
Критичарите на Huawei сугерираат дека новиот оперативен систем е дериват на Android и Linux – нешто што компанијата го негира, иако претходно има соопштено дека користи отворен код од Android Open Source Project за да им обезбеди на корисниците искуство со кое се веќе запознаени.
Од Huawei исто така истакнуваат дека новиот оперативен систем HarmonyOS е намерно дизајниран да биде лесен за создавање на апликации од страна на развивачите на софтвер. Од компанијата се надеваат дека HarmonyOS ќе прерасне во целосно-функционален софтверски еко-систем.