Пица брендот Domino’s на британскиот пазар овозможи опција за групно нарачување преку својата мобилна апликација, односно им овозможува на група луѓе заеднички да ја изготват комбинацијата на пица-вкусови која им е по мерак и да ја добијат преку достава.
Со цел промоција на ваквата можност, брендот лансираше нова кампања во која има многу јодлирање – тип на пеење на алпските горјани кое што вклучува брзи и повторени промени помеѓу нормалниот глас и висок фалсето тон.
Централниот спот прикажува група на млади луѓе кои се договараат за нарачка на заедничка пица, но поради нивната голема меѓусебна оддалеченост во градот, мора да се служат со техниката на јодлање – како да се наоѓаат на одделни планински врвови.
Комичната реклама има јасна порака – доколку не сакате да довикувате низ градот како да се наоѓате на Алпите, користете ја новата опција за групно нарачување на Domino’s.
Покрај видео спотот кој ќе се емитува на телевизија, кампањата ќе вклучува и часови по јодлање на радио, out-of-home активности во форма на мурали и постери, како и активности на социјалните мрежи, поканувајќи ги фановите да ги покажат своите јодларски способности со хаштагот #DominOhHooHoo.
Лансирањето на опцијата и кампањата се совпаѓа со олеснувањето на карантинските мерки во Британија и повторната дружба во групи.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција VCCP.