Инспирацијата за една реклама навистина може да дојде од било каде.
За најновата кампања на популарниот бренд за слатки Reese’s Peanut Butter Cups, креативниот тим одлучи да не се фокусира на самите слатки. Наместо тоа, ги прикажува познатите хартиени корпи за колачиња.
Некои можеби се прашуваат каде брендот ја доби оваа одлична идеја за да го изостави вистинскиот производ од сопствениот маркетинг. Одговорот е: Инстаграм профилот на Леброн Џејмс.
Минатиот август, НБА ѕвездата сподели меме на својот профил на Инстаграм со кое се исмева неговата проретчена коса. На споена фотографија, позадината на неговата глава, каде што е видливо ќелав, се споредува со дното на хертиена корпа на кое останало залепен путер од кикирики од колачињата Reese’s Cups. Џeјмс го прифати мемето, истакнувајќи дека мрази кога истото му се случува додека јаде Reese’s cups, но дека сепак и понатаму ужива да го јаде ова задоволство.
Објавата брзо стана вирална и ја оживеа веќе добро познатата дебата меѓу фановите. Кое искуство е подобро: она што подразбира чиста хартиена корпа или или кога на дното сепак ќе остане малку чоколадо и путер од кикирики? Имајќи го тоа предвид, креативниот тим на агенцијата Anomaly сфати дека самата амбалажа е исто толку важна како и колачињата.
„Објавата на Леброн ја зацврсти нашата идеја дека дури и ако го отстраниме нашиот најпопуларен производ од нашето рекламирање, потрошувачите веднаш непогрешливо ќе препознаат дека се работи за Reese’s“, истакна Азим Ахтар, маркетинг менаџер на компанијата Reese’s.
Имајќи го тоа предвид, агенцијата Anomaly креираше билборд без зборови, кој содржи само слика од хартија од колачиња и позадина во карактеристична портокалова боја на брендот.
Агенцијата Anomaly создаде и видео спот наречен „Reese’s Uncupping“. Со позадинската песна на Lady Wray „Piece of me“, фокусот е на згужваното, размачкано парче хартија и завршува со прстот што го отстранува преостанатото парче чоколадо од хартијата. Спотот нагласува дека секое парче чоколадо е дел од целокупното искуство со конзумирање на овие колачиња.