Пандемијата драстично го погоди љубовниот живот на луѓето, што директно се одрази врз намалениот број на бракови и свадби, а со тоа го погоди и бизнисот на свадбарските музичари.
Со цел да се охрабрат луѓето да внесат еден нов импулс во својот љубовен живот, а со тоа и одговорно да им „помогнат“ на свадбарските музичари, компанијата Match која е сопственик на платформите за запознавање како Tinder, OkCupid, Hinge и PlentyOfFish, лансираше нова забавна кампања создадена со помош на агенцијата Maximum Effort на холивудскиот актер Рајан Рејнолдс.
Се работи за триминутен видео спот за песна напишана од страна на наградуваното музичко дуо Pasek & Paul (кои позади себе имаат Греми награди и Оскар за музиката во филмот La La Land), а изведувана од страна на 12 вистински пејачи на свадби.
Песната изобилува со разни хумористични моменти кои раскажуват за тешкотиите со кои се соочуваат свадбарските музичари, а истовремено даваат и сугестии за подобрување на љубовниот живот.
Сите изведувачи се достапни за ангажирање на свадба, а компанијата ослободи и дел од својот простор на Инстаграм за да ги промовира свадбарските музичари.