Туристичкото биро на Ирска лансираше нова кампања за промоција на своите пејсажи и култуно-историски локации преку снимки од популарната видео-игра Assassin’s Creed: Valhalla.
Имено, во првото проширување на играта, насловено „Wrath of the Druids“, играчите ја следат авантурата на викингот Ејвор кој пристигнува во Ирска, истовремено прикажувајќи средновековни реконструкци и интерпретации на познати локации како главниот град Даблин, необичните карпести формации во Benbulben и Giant’s Causeway, древниот церемонијален и погребен комплекс во Tara и слично.
Централниот спот на кампањата претставува колаж на снимки од именуваните локации во виртуелниот свет на играта, проследени со снимки од реалноста на денешницата.
Кампањата претставува заеднички проект на Туристичкото биро на Ирска и софтверската компанија Ubisoft која ја создаде играта, при што едните ја промовираат државата, а другите играта.
„Кампањата е забавен и иновативен начин за Ирска да го привлече вниманието на една нова публика на гејмери. Ние сакаме да го предизвикаме љубопитството на играчите за прикажаните локации и да ги инспирираме да ги истражат во вистинскиот свет,“ објаснува Марк Хенри, централен маркетинг директор на Tourism Ireland.