Кога сте добро организирани, 24 часа е доволно време да патувате на другата страна на планетата, да прочитате книга или да научите нова вештина. Сепак, дали знаете што друго може да се направи за 24 часа? Тоа е доволно време да се „спасат“ од уништување многу пари што државава секој ден ги губи преку добро организирана корупција и мито. Од ден на ден, со децении, парите што им припаѓаат на сите граѓани се уништуваат практично пред нивните очи. Затоа, Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) одлучи преку 24-часовен перформанс, на симболичен начин, да ги предупреди граѓаните за обемот на оваа појава, да ја подигне нивната свест за клучната улога што ја имаат во борбата против корупцијата и да ги охрабри да дејствуваат проактивно.
За време на перформансот на плоштадот „Македонија“ во Скопје, парите се уништуваа симболично, додека во реалноста тие навистина се уништуваат преку корупција, која е насекаде околу нас. Тоа се случува пред нас, не сопира и не спие. Затоа, перформансот се одигрува во транспарентна кутија, покажувајќи им на сите видлив, но истовремено и недопирлив процес. Недопирлив, сè додека граѓаните, со своите постапки и кревање глас, тоа не го променат. Овој пат, тие тоа го сторија со активно учество во перформансот, притискајќи го копчето „СВИРИ КРАЈ!“ на корупцијата и со својот чин заштедија повеќе од 111 милиони денари. Пари, што можат да се инвестираат во изградба или реновирање на училишта, едукативни и забавни центри за млади, институции за грижа на стари лица и инвалиди, центри за деца со попреченост… Можеби, ова е прва во низата акции што ќе покажат подготвеност од сите нас да ѝ отсвириме крај на корупцијата.
„СВИРИ КРАЈ!“ е дел од едукативната и информативна кампања што Регионалната антикорупциска иницијатива ја спроведува со финансиска поддршка на Европската унија, во рамките на проектот „Прекини ја тишината“: Зајакнување на политиките и културата на укажувачите на земјите од Западен Балкан и Молдавија“. Регионалниот проект, поддржан од Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА) има за цел да им помогне на партнерите во владиниот и невладиниот сектор на земјите-кориснички да ги подобрат каналите за обелоденување и механизмите за заштита на укажувачите, да го зајакнат капацитетот на граѓанското општество за поддршка на укажувањето и да ја зајакнат јавната свест за важноста на укажувањето во борбата против корупцијата.
Анета Арнаудовска, Виш Советник за борба против корупцијата при Секретаријатот на РАИ, истакна пред медиумите: „Со јавниот перформанс, сакавме да го свртиме вниманието кон штетата што корупцијата му ја нанесува на нашето општество и на значајната улога што секој поединец ја има во борбата против корупцијата.
Се проценува дека во земјава, корупцијата секојдневно уништува големи суми пари. Но, тоа е можно да се запре и можно е да ѝ се „СВИРИ КРАЈ!“ на корупцијата, со одлука да не се учествува во неа. Граѓаните кои го притиснаа копчето „СВИРИ КРАЈ!“ симболично ја запреа корупцијата и понатамошното уништување на нивните пари. Со овој гест јасно го посочуваме количеството пари што заедно можеме да ги спасиме од уништување, кога не прифаќаме да учествуваме во корупција. На овој начин, ние исто така ја испративме пораката на поддршка на укажувачите – луѓето кои донесуваат храбра и несебична одлука пријавувајќи корупција и ставајќи се себеси во служба на јавниот интерес“.
Во рамките на проектот, Секретаријатот на РАИ работи на зајакнување на законодавната и на институционалната рамка за заштита на укажувачите, во согласност со новата Директива на ЕУ за заштита на укажувачите , на која се очекува земјите-кандидати да бидат усогласени како дел од ЕУ- законодавството во рамките на процесот на проширување.
Во своето обраќање на настанот, Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија Џулијан Васало истакна: „Правото да се пријавува корупцијата е алатка за поттикнување на транспарентноста и интегритетот, но и за заштита на општото добро. Затоа е од суштинско значење да се воспостават механизми за граѓаните безбедно да ја пријавуваат корупцијата и да бидат заштитени од какви било форми на одмазда, од правен, економски или личен карактер. Укажувачите можат вистински да се охрабрат да зборуваат против корупцијата само кога навистина им веруваат на институциите што ги примаат нивните пријави. Само тогаш, граѓаните можат целосно да придонесат во борбата против корупцијата.“
Перформансот „СВИРИ КРАЈ!“ на централниот плоштад во Скопје се одржуваше на Светскиот ден на укажувачите 2021. Софка Пејовска Дојчиновска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата на настанот истакна:
„На симболичен начин денес, преку овој настан, покажавме дека секој од нас може да придонесе во борбата против корупцијата. Но, за да охрабриме што повеќе поединци да одбијат да учествуваат во корупција и активно да се вклучат во борбата против корупцијата, неопходна е и институционална поддршка. Секој кој сака да поднесе иницијатива за можна корупција, а особено укажувачите мора да имаат поддршка и заштита од институциите.“
Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) е меѓувладина регионална организација која се занимава исклучиво со антикорупциски прашања и посветено и професионално работи во областа на превенција и борба против корупцијата, обезбедувајќи заедничка платформа за дијалог, размена на знаење и најдобри антикорупциски практики во Југоисточна Европа.