Познатата модна компанија на овој потег гледа како на еволуција на нејзината долга историја на спортски партнерства
Ралф Лорен влегува во индустријата за игри вредна 200 милијарди долари, по лансирањето на новото видео со популарниот гејмер Мартин Ларсон, попознат како Rekkles.
Во партнерство со G2 Esports, Ралф Лорен ќе го опреми целиот тим за кој игра Ларсон и ќе започне уште пошироко партнерство со бренд активација на TikTok и Twitch. Ларсон ќе биде дел од кампањата на Ралф Лорен на Вимблдон и ова е 16-та година како оваа модна компанија го спонзорира шампионатот во тенис.
Во соопштението се вели дека кампањата е само почеток на голем број неверојатни планови помеѓу Ралф Лорен и G2, како и помеѓу луксузниот бренд и е-спортот пошироко.
„Нашето партнерство со G2 Esports ќе го забрза напредокот што го правиме за да го оживееме нашиот силен бренд на автентичен начин преку новите платформи“, рече Алис Делахонт, директор за дигитален сектор и содржина во Ралф Лорен.
Кампањата беше креирана од страна на интерна агенција и креативните тимови на брендот Ралф Лорен. Како една од најистакнатите личности во е-спортот, Rekkles беше природен избор за ваков проект.
Луксузниот бренд ги нарече спортските игри „автентична област на страст“ што создава можност за самиот бренд да се поврзе со новата генерација потрошувачи. Склучувајќи партнерство со G2, Ралф Лорен добива пристап до база на фанови од над 32 милиони луѓе, кои оваа гејминг компанија ги има собрано во последните пет години.
Иако можеби е чудно што луксузен бренд за облека влегува во индустријата на е-спортови, компанијата ја гледа својата соработка со G2 Esports како еволуција на своето 50-годишно глобално портфолио на спортски брендови.