Американската модна компанија Gap ги затвора сите свои 81 продавница во Обединетото Кралство и Ирска до крајот на септември оваа година. Ваквата одлука доаѓа во време кога брендот се обидува да се прилагоди кон промените во продажбата предизвикани од пандемијата, односно има намера да се префрли во онлајн просторот.
Gap ги отвори своите први продавници во Обединетото Кралство уште во далечната 1987 година. Продавницата во Лондон е всушност првата продавница која компанијата ја отвори надвор од границите на САД. Во Ирска, Gap беа присутни од 2006 година.
Компанијата во октомври минатата година го соопшти својот тригодишен план за затворање на третина од своите физички продавници, насочувајќи се кон е-трговијата која забележа вистински „бум“ од стартот на пандемијата на ковид-19.
Од Gap, кои истовремено се сопственици и на други модни брендови како Old Navy и Banana Republic, не откриваат колкав број на вработени се очекува да ги загубат своите работни места поради ваквиот план.
„Ние промислено се движиме низ процесот на консултации со нашиот европски тим и ќе обезбедиме поддршка и помош во транзицијата за сите наши колеги при затворањето на продавниците“, посочуваат од Gap.